Тунсикото претседателство денеска соопшти дека вонредната состојба во земјата се продолжува за уште два месеца, почнувајќи од понеделник, пренесоа американските медиуми.
Во краткото соопштение на туниското претседателство, ставено на Фејсбук, се посочува дека одлуката е донесена по консултациите со претседателот на Парламентот и премиерот.
Пред малку повеќе од еден месец Тунис беше шокиран од крвавиот напад на вооружен маж во морското летувалиште, во кој беа убиени 38 туристи, од кои повеќето Британци. Пред тоа, во март, исто така, имаше напад врз туристи.
Тунис беше критикуван за недоволна безбедност на туристичките објекти. Велика Британија ги повика своите државјани да ја напуштат африканската земја.
Претседателот Беџи Каид Есебси вонредната состојба во земјата ја прогласи на 4 јули, откако таа беше укината во март 2014 година. Околу туристичките објекти дополнително беа разместени 3.000 припадници на силите за безбедност.