Тунискиот претседател Монсеф Марзуки побара од премиерот Хамади Џебали да именува нов состав на владата како одговор на бурните протести во последните денови, кои доведоа до судири со полицијата во градот Силиана.
Повеќе од 300 лица беа повредени оваа недела откако полицијата употреби прекумерна сила за да ги спречи најострите протести против Владата на Џебали, откако тој дојде на власт во октомври. Голем број Тунижани овие судири ги потсетија на првиот бунт од Арапската пролет додека уште на власт беше диктаторот Бен Али.
– Владата треба да биде сменета и нејзино место да биде назначен нов кабинет од технократи, истакна Марзуки, предупредувајќи дека ако продолжат судирите и владата не одговори соодветно, ќе се случи хаос и непредвидливи последици.
Премиерот Џебали, кој е од редовите на најголемото исламистичко движење во Тунис „Ан Нахда“, ги отфли повиците за оставка и ја обвини левицата за провокација на немирите. Според уставот на оваа земја, премиерот не е должен да ги почитува барањата на претседателот.
Армиски единици синоќа беа распоредени во Силиана, чии жители ги пречекаа со радост и извици „Да живее армијата“.
По бегството на поранешниот претседател Бен Али во јануари минатата година Тунис е се уште во режим на вонредна состојба, што им дава поголеми овластувања на војската и полицијата.