Неколку илјади лица синоќа демонстрираа пред националното собрание во Тунис, барајќи оставка на исламистичката влада. „Не успеавте, одете си“, извикуваа демонстрантите.
Коалицијата на опозициските партии повика на еднонеделни протести, поради нејзината неспособност да обезбеди безбедност и економски просперитет во државата, пренесе „Асошиејтед прес“.
Опозицијата ги отфрли сите предлози на владеачката исламистичка партија „Енахда“, барајќи владата веднаш да се распушти.
-Сите преговори без распуштање на владата се губење време- изјави претставникот на Фронтот за национален спас Тајеб Бакуќе.
„Енахда“ во четврток за прв пат од почеток на кризата предизвикана со убиството на опозицискиот пратеник, Мохамед Брахми на 25 јули, соопшти дека би можела да се согласи со оставка на коалиционата влада, меѓутоа наведе дека првин мора да се дојде до национален дијалог, во кој што ќе учествуваат следбеници и противници на владеачката коалиција.
Елена Георгиевска