Трговијата со луѓе, особено со деца, во Мјанмар расте со загрижувачко темпо. Овдешната полиција денеска соопшти дека само во ноември годинава исчезнале 93 деца, најмногу од подрачјата каде што живее мешано будистичко и муслиманско население.
Властите во Мјанмар, поранешна Бурма, годинава успеале од трговците со луѓе да спасат над 600 жртви, од кои над 100 биле малолетници. Полицијата уапсила 226 лица кои припаѓале на синџирите на трговија со луѓе.
Најголем број од жртвите, пронајдени во мај годинава, во масовните гробници во граничното подрачје меѓу Тајланд и Малезија биле од Мјанмар.
Од 2006 година до сега во Мјанмар се уапсени над 2.000 трговци со луѓе, но бројката на спасените не е задоволителна, бидејки во овој период дома биле вратени нешто помалку од 2.500 лица.
Малолетниците од Мјанмар, залажани со приказни за богат живот што ги „чека ’’ во соседните побогати држави, најчесто завршуваат во евтини бордели, без можност некој да им помогне.