Третата доза од вакцината против коронавирусот на американскиот производител „Фајзер“ може да ја зголеми заштитата од делта-сојот на вирусот до стопати, се наведува во извештајот објавен од фармацевтската компанија.
„Третата доза значително ги подобрува податоците за неутрализирање на делта варијантата. Очекуваниот потенцијал е зголемување до стопати во неутрализацијата на делта варијантата по приемот на третата доза”, се наведува во документот на компанијата.
Покрај тоа, „Фајзер“ забележува дека по инјектирањето на третата доза на вакцината кај луѓето на возраст од 18 до 55 години, бројот на антитела се зголемува повеќе од пет пати, а кај луѓето на возраст од 65 до 85 години дури 11 пати.
Директорката на американскиот Центар за контрола и превенција на болести (ЦДЦ), Рошел Валенски, минатата недела соопшти дека делта сојот во моментов сочинува 83 отсто од коронавирусните инфекции во САД, што е за 50 отсто повеќе од почетокот на јули. Покрај тоа, ЦДЦ вчера соопшти дека ревакцинираните лица против коронавирус во ретки случаи можат да ја преносат делта варијантата.