Трамп и Путин ќе се сретнат во Саудиска Арабија

Од:

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека ќе се сретне со неговиот руски колега Владимир Путин во Саудиска Арабија, откако во претходниот телефонски разговор се договориле веднаш да започнат преговори за ставање крај на војната во Украина.

„Ќе се сретнеме во Саудиска Арабија“, им рече Трамп на новинарите во Белата куќа.

Покрај разговорите со Путин, Трамп во средата разговараше и со украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Во подолга објава на својот профил на социјалните мрежи Truth Social, Трамп рече дека тој и Путин „се договориле нивните преговарачки тимови веднаш да започнат преговори“.

Кремљ објави дека Трамп и Путин разговарале околу час и половина и дека се договориле да се сретнат. Руската новинска агенција ТАСС објави дека Путин го поканил Трамп да ја посети Москва.

Во својот пост, републиканецот зборува за „долг и многу продуктивен“ разговор со неговиот руски колега за „Украина, Блискиот Исток, енергијата, вештачката интелигенција, јачината на доларот и разни други теми“.

По разговорот со украинскиот претседател, Трамп на „Truth Social“ напиша дека Зеленски сака „да постигне мир“.

„Разговорот помина многу добро. Тој, како и претседателот Путин, сака да постигне МИР“, напиша тој.

Кабинетот на Зеленски потоа објави дека тој и Трамп разговарале околу еден час, а самиот украински претседател напиша на X дека тој и Трамп разговарале за „можностите за постигнување мир“, „нашата подготвеност да работиме заедно… и технолошките способности на Украина… вклучувајќи беспилотни летала и други напредни индустрии“.

Трамп подоцна рече дека не мисли дека е практично Украина да се приклучи на НАТО и дека е малку веројатно земјата да ја врати целата своја територија.

Руските медиуми претходно шпекулираа дека двајцата лидери би можеле да се сретнат во трета земја, спомнувајќи ги Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати.

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: Оштететениот руски танкер неконтролирано плови во Средоземното Море, влезе во либиски води

Путин му порача на Иран: Русија е со вас

Трамп изјави дека САД размислуваат за „постепено намалување“ на операциите на Блискиот Исток

Федерален суд нареди враќање на новинарите протерани од Пентагон

(ВИДЕО) Иран: Одмазда за братот Наини, горат американските и израелските бази, Трамп ќе има судбина како Садам

Омански министер тврди: Трамп ја изгуби контролата врз надворешната политика