Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека војната во Украина веројатно немаше да се случи доколку Западот не ја исфрлеше Русија од Групата Осум (Г8), велејќи дека исклучувањето на Москва од форматот е една од одлуките што ја промени безбедносната архитектура во Европа на долг рок.
Во интервју за веб-страницата „Аксиос“, Трамп рече дека поранешниот американски претседател Барак Обама, како и „една или две други земји“, не го сакале рускиот претседател Владимир Путин во тој формат.
„Тие сакаа Путин да биде надвор. Порано беше Г8. Ќе беше многу подобро ако останеше така. Веројатно немаше да има војна меѓу Русија и Украина“, рече Трамп.
Зборувајќи по самитот на Г7 во францускиот град Евиан, Трамп изрази жалење што Путин не беше присутен на собирот на најразвиените западни земји, потсетувајќи дека Русија беше членка на тој формат сè додека не беше исклучена по анексијата на Крим во 2014 година.
Интервјуто со „Аксиос“, сепак, отиде многу подалеку од украинската тема. Во него, Трамп зборуваше за претседателската моќ, војната со Иран, неговиот однос со Израел, неговите сојузници, но и за сопственото место во историјата.
Американскиот претседател изјави дека по војната со Иран открил дека „нема граници“ на неговата моќ. Тој постојано зборувал за моќта низ призмата на влијание врз другите лидери, тврдејќи дека учесниците на самитот на Г7 му верувале кога на шега рекол дека „тој е шефот“.
Трамп додаде дека Израел „многу го почитува“ и дека земјата „ќе го прави она што тој го кажува“. Зборувајќи за израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, тој нагласи дека има добри односи со него, но додаде дека „понекогаш мора да го држите под контрола“.
„Без мене, Израел денес не би постоел“, рече Трамп.
Интервјуто е спроведено пред објавувањето на книгата „Промена на режимот“ од новинарите Меги Хаберман и Џонатан Свон, во која авторите го опишуваат погледот на Трамп кон моќта и неговата споредба на сопственото претседателство со моќта на некои од најпознатите владетели и освојувачи во историјата.
Според авторите, Трамп им покажал документ во кој тврди дека тој, како претседател на Соединетите Американски Држави, е помоќен од историски личности како што се Атила, Џингис Кан, Наполеон Бонапарта, Јосиф Сталин, Мао Це Тунг и Адолф Хитлер.
Хаберман и Свон велат дека Трамп гласно прочитал делови од документот и објаснил зошто одредени историски личности, во споредба со претседателот на современите Соединетите Американски Држави, имале помала моќ.
„Тие немале авиони, нели? Не можеле да патуваат“, рече Трамп, осврнувајќи се на Александар Велики, римските императори и Вилијам Освојувачот.
Авторите на книгата велат дека она што било особено впечатливо е тоа што Трамп, без никаква очигледна непријатност, прифаќал споредби со личности кои го промениле светот преку освојување и владеење базирано на страв.
Кога станувало збор за современите лидери, Трамп ги издвоил кинескиот претседател Си Џинпинг и индискиот премиер Нарендра Моди како државници на кои најмногу им се восхитувал. Тој го опиша Си како човек кој бил „целосно посветен на работата“, додека Моди го нарече „многу тежок преговарач“.
Во исто време, американскиот претседател ги критикуваше републиканците кои се спротивставија на договорот со Иран, нарекувајќи ги тврдокорни. Тој рече дека ја изгубил почитта кон некои луѓе што претходно ги почитувал затоа што не го разбирале обемот на ризикот што би го донел продолжениот конфликт.
Сепак, тој призна дека постои фактор што сè уште ја ограничува претседателската моќ – економијата. Според него, продолжувањето на војната можело да предизвика глобална економска депресија, додека падот на цените на нафтата и порастот на берзанските индекси го гледа како потврда дека поддршката на договорот со Иран била правилна одлука.
Според Аксиос, документот што го користел Трамп бил објавен и на неговата платформа „Truth Social“. Во заклучокот на документот се тврди дека неговата подготвеност да ја користи моќта на глобално ниво „го прави убедливо најмоќната личност што некогаш чекорела по оваа планета“.
