Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, изјави дека САД вршат притисок врз Москва и дека големата отстапка на Русија е тоа што не ја окупирала цела Русија.
На прашањето какви отстапки понудиле Русите досега, Трамп одговори: „Запирање на војната. Запирање на окупацијата на целата земја, прилично голема отстапка“, им рече Трамп на новинарите во Белата куќа за време на состанокот со норвешкиот премиер Јонас Гар Сторе.
Трамп додаде дека следните неколку дена ќе бидат „многу важни“ за мировните преговори меѓу Украина и Русија. Тој изјави дека врши „голем притисок“ и врз Русија и врз Украина да ја прекинат војната и рече дека „ние наскоро ќе ја завршиме“.
„Ние сме фини луѓе, но вршиме голем притисок врз двете страни. Ќе го завршиме ова. Наскоро“, изјави Трамп.
„Не сум лојален кон никого, јас сум лојален на спасувањето животи“, рече Трамп.
Тој ја призна својата фрустрација од рускиот претседател Владимир Путин, но рече дека не го гледа нападот на Русија врз Киев во среда навечер како „пречка за мир“.
„Не ми се допадна она што се случи синоќа… Разговаравме за мир, а беа испукани ракети“, рече Трамп, одбивајќи да прецизира со какви дополнителни санкции би можела да се соочи Русија.
На прашањето дали стои зад своите претходни тврдења дека Украина мора да се откаже од територија, вклучително и Крим, за да се обезбеди напредок во преговорите, Трамп одговори: „Ќе направиме сѐ што можеме“.
„Крим беше предаден без борба и ќе биде тешко да се врати“, нагласи американскиот лидер, повторувајќи дека војната во Украина немаше ни да започне ако тој беше претседател во тоа време.
Тој нагласи дека сè уште верува оти рускиот претседател е сериозен во врска со мировниот договор.
„Цврсто веруваме дека двете страни сакаат мир, но треба да седнат на маса. Мислам дека ќе постигнеме мир. Сфатив колку луѓе умираат, тоа е најважниот елемент. Се надевам дека ќе можеме да постигнеме договор“, рече Трамп пред вчерашниот ручек со норвешкиот премиер Јонас Гар Сторе во Белата куќа, објави NBC News.
Трамп додаде дека има свој „краен рок“ за Путин и украинскиот претседател Володимир Зеленски да постигнат договор.
„Велам дека можеме да спасиме илјадници луѓе и не ми се допаѓа што трае толку долго“, рече Трамп.
На прашањето на новинарите дали Путин ќе го послуша неговиот повик да ги запре масовните ракетни напади врз Украина, Трамп кратко одговори:
„Да.“
Норвешкиот премиер ги пофали мировните напори на Трамп и му честиташе „за многу важните иницијативи насочени кон завршување на овој конфликт“. Тој додаде дека тој и Трамп размениле идеи за „сложена слика што бара политичка волја и притисок“.
Трамп претходно напиша на својата социјална мрежа Truth Social дека „не е задоволен“ од Путин откако Русија изврши напад врз Киев преку ноќ во кој загинаа 12 лица, а повеќе од 90 беа повредени, според извештајот на украинската служба за вонредни ситуации.