Светската здравствена организација (СЗО) објави денеска дека епидемијата на ебола во Западна Африка е глобална закана за јавното здравје, што налага вонредни напори за запирање на ширењето на смртоносната болест.
Епидемијата на ебола, која е најобемна и најдолготрајна досега, доволно е загрижувачка да се прогласи меѓународна вонредна состојба, а СЗО слична криза прогласи во мај поради детска парализа, како и во 2009 поради пандемијата на свински грип.
Директорката на СЗО Маргарет Чан соопшти денеска дека одлуката на организацијата е „јасен повик на меѓународна солидарност“, но призна дека многу земји веројатно нема ниту да имаат случаи на заболени од ебола.
– Земјите кои досега се погодени едноставно немаат капацитети сами да се борат со толку обемна и комплексна епидемија, укажа таа на прес-конференција во Женева и ја повика меѓународната заедница „да пружи поддршка што е можно поитно“.
СЗО оваа недела повика експертски одбор за да ја процени сериозноста на тековната епидемија.
Епидемијата на ебола почна во Гвинеја во март, и оттогаш се прошири на Сиера Леоне и Либерија. За оваа болест нема лек, ниту вакцини, а стапката на смртност меѓу заболените изнесува околу 50 отсто.
Според најновите податоци на СЗО, во Западна Африка од почетокот на епидемијата од ебола починале 932 луѓе, а потврдено е дека 1.711 лица се инфицирани со оваа болест, главно во Гвинеја, Либерија и Сиера Леона.
Ебола е откриена во 1976 година и го доби името по реката која се наоѓа во денешна ДР Конго. Болеста се пренесува преку контакт со телесни течности на заразени лица како што се крв, плунка и пот.