Пандемијата на Ковид-19 го покажа најдоброто и најлошото за што е способно човештвото. Ова денеска го изјави генералниот директор на Светската здравствена организација (СЗО) Тедрос Аданом Гебрејсус на прес-конференција по повод предлогот за воспоставување меѓународен договор за акција во идните здравствени кризи.
– Поминаа 425 дена од објавувањето на денешната пандемија, забележа Аданом.
Според него, во последните месеци низ светот се појавија нееднаквости, геополитички поделби, поткопана доверба во јавните институции и неподготвеност на соодветните системи. Светот не може да си дозволи да го чека крајот на оваа пандемија, за да започне подготовки за следната, додаде тој.
– Не можеме да продолжиме да го правиме истото како порано и да очекуваме нешто поразлично. Ако не преземеме нешто, ќе останеме ранливи. Имаме проблем со споделување на податоци и технологии во областа на јавното здравство, истакна Аданом.
Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел изјави дека појавата на нова пандемија е само прашање на време. Според него, денешната пандемија ќе покаже што треба повеќе да се стори за да се избегне повторување на пријавените недостатоци, вклучително и во смисла на интеракција меѓу јавните и приватните организации.