Минатата недела повеќе од 4,9 милиони луѓе ширум светот се заразиле со коронавирусот, а повеќе од 44.000 починале, соопшти Светската здравствена организација (СЗО).
Растот на новите инфекции е 11 проценти во однос на претходните седум дена, а смртноста е намалена за четири отсто.
– Во текот на неделата од 20 до 26 декември, вкупниот број на случаи се зголеми за 11 отсто во споредба со претходната недела, соопшти СЗО во својот неделен епидемиолошки билтен.
Случаите се зголемија за 39 проценти во Северна и Јужна Америка, за 7 отсто во Африка и за 3 отсто во Европа. Новите инфекции се намалуваат во Југоисточна Азија (12%) и во Источниот Медитеран (3%).
Во Европа се регистрирани 57 проценти од заразените и 53 отсто од смртните случаи во текот на неделата.
Најголем број на заразени е регистриран во САД (1.185.653), потоа во Велика Британија (611.864 случаи на инфекција, 20% повеќе), Франција (504.642 случаи, 41% повеќе), Италија (257.579 случаи, 62% повеќе) и Германија (197.845 случаи, што е 30% помалку).