Светот едногласен во осудата на Северна Кореја заради лансирање на ракетата

Од:

Светот денеска се обедини во осудата на Северна Кореја заради лансирање на ракетата со голем досег со сателит, што соседните земји и САД остро го критикуваа како обид за забрането тестирање балистички ракети, а Советот за безбедност на Обединетите нации за денеска свика итна седница.
Русија остро го осуди потегот на официјален Пјонгјанг, истакнувајќи дека тој претставува тежок удар за регионалната безбедност, па и за безбедноста на сама Северна Кореја.

„Очигледно е дека таквите потези за резултат го имаат сериозното влошување на ситуацијата на Корејскиот Полуостров и цела североисточна  Азија, како и дека сериозно ја загрозува безбедноста на земјите од регионот, а пред се на самата Северна Кореја“, се наведува во соопштението на руското Министерство за надворешни работи, пренесуваат француските медиуми.

Русија, која, како што наведуваат француските медиуми, е една од ретките земји кои ја поддржуваат Северна Кореја, и со која дели дел од границата, соопшти дека Пјонгјанг уште еднаш искажа „дрзок презир кон нормите на меѓународното право“.

Француската Влада денеска, исто така, го осуди потегот на Северна Кореја како „безумна провокација“ и Советот за безбедност на ОН го повика на „брз и остар“ одговор.

„Франција најодлучно го осудува новото флагрантно кршење на резолуцијата на Советот за безбедност од страна на Северна Кореја“, се наведува во соопштението на Елисејската палата.
„Лансирањето ракета претставува безумна провокација, а Франција повикува на брз и остар одговор од меѓународната заедница на итна седница на Советот за безбедност“, закажана за попладне, се наведува во соопштението.

Претходно и американскиот државен секретар Џон Кери изјави дека САД ќе соработуваат со СБ на ОН на воведувањето „значајни мерки“ за Пјонгјанг да биде повикан на одговорност заради лансирање на ракетата, што го нарече флагрантно кршење на резолуцијата на ОН за севернокорејското користење на балистичка технологија.

Јапонскиот премиер Шинѕо Абе истакна дека лансирањето е „целосно неприфатливо“, посебно што Северна Кореја минатиот месец тестираше хидрогенска бомба.

Официјално Токио соопшти дека ќе биде подготвен да собори ракета доколку таа претставува закана, но не презеде таква акција.

Генералниот секретар на ОН, Бан Ки-мун, остро го осуди лансирањето ракета и Северна Кореја ја повика да „се откаже од своите провокативни активности“.

Кина изрази жалење заради лансирањето и сите страни ги повика да постапуваат внимателно и да се воздржат од било какви потези што можат дополнително да ги интензивираат тензиите на Корејскиот Полуостров.

Би можело да ве интересира

„Кралот на криптовалутите“ од домашен притвор се враќа во затвор

Горан Наумовски

Шерман разговараше со корејски и јапонски министри за Северна Кореја, војната во Украина

А1он

ВИДЕО: Јапонија и Кореја влегоа во 2021 година

Жарко Настоски

Ванг: Прашањата на Корејскиот Полуостров да се решат со дијалог

ЦСИС: Забележани знаци на активност во севернокорејскиот нуклеарен комплекс Јонгбјон

Сверна и Јужна Кореја ги отстрануваат минските полиња