Стотици војници денеска им се приклучија на демонстрантите во Буркина Фасо, кои се противат на намерата на претседателот Блез Компаоре да го продолжи своето приближно 30-годишно владеење, јави ДПА.
Демонстрантите претходно денеска упаднаа и ја запалија зградата на Парламентот.
И покрај фактот што дел од армијата и помагаше на полицијата да ги задуши демонстрациите, околу 500 војници, стационирани во Вагадугу, се приклучија кон демонстрантите, кои излегоа на централниот плоштад во престолнината со барања за смена на власта.
Радио „Франс интернасионал“ јави дека братот на претседателот, Франсоа Компаоре, бил уапсен на аеродромот, откако се обидел да ја напушти земјата.
Засега е непознато местото на кое во моментов се наоѓа шефот на државата.
Националното радио и телевизија го прекинале емитувањето на своите програми, а интернет услугите се даваат со прекини.
Парламентот на Буркина Фасо денеска требаше да расправа за уставните измени, со кои на Компаоре ќе му се дозволеше следната година повторно да се појави на изборите преку зголемување на максималниот број дозволени мандати за еден човек.