Стефан Ловен: Шведските демократи се неофашисти

Од:

Во острата дебата која се интензивира во Шведска по распишаните вонредни парламентарни избори што ќе се одржат во март, шведскиот премиер Стефан Ловен ја нарече екстремно десничарската парламентарна партија Шведски демократи за неофашистичка, јави дописникот на МИА од Гетеборг.

Предлог буџетот на малцинската црвено-зелена коалициска Влада, предводена од социјалдемократите на Ловен, деновиве не доби зелено светло во Парламентот-Риксдаг, при што опозициската Алијанса на десничарско-центристичкиот блок гласаше за сопствениот буџетски предлог и доби поддршка од шведските демократи.

Како излез од политичката криза и блокираните можности за соработка во Парламентот, Стефан Ловен, по само два месеца откако ја презеде функцијата премиер, распиша вонредни парламентарни избори што ќе се одржат на 22 март.

– Никогаш нема да дејствувам на начин кој ќе и даде моќ на една неофашистичка партија која не ги почитува разликите меѓу луѓето ниту пак демократските институции во Шведска, истакна Ловен за „Дагенс нихетер“.

Со слични оценки во јавноста вчера настапи и министерката за финансии од редовите на владејачките социјалдемократи, Магдалена Андерсон, при што шведските демократи ги нарече „мала неофашитстичка партија“.

И двата партиско-политички блока во шведскиот Парламент досега се дистанцираа и праќаа пораки до избирачите дека немаат намера да соработуваат со екстремно десничарските шведски демократи, кои по изборите во септември освоија 13 проценти од гласовите.

Меѓу аналитичарите владее речиси неподелено мислење дека шведските демократи, кои влечат корени од неофашистичките и нацистички движења, не успеваат да се профилираат на поинаков начин, освен како партија која се залага за драстично заострување на имигрантската политика и остри кастрења на буџетските средства што во Шведска се издвојуваат за интеграција на имигрантите и бегалците во општетството.

За одбележување е дека вонредни парламентарни избори во Шведска, која има еден од најстабилните парламентарно-демократски системи во Европа, последен пат се одржани пред повеќе од половина век – во 1956 година.

Би можело да ве интересира

Улф Кристерсон: Aмериканското нуклеарно оружје на шведска територија е можно во случај на војна

Во Стокхолм: Убиен е татко пред очите на неговиот син

Шведска ја избра песната за Евросонг: победи „Unforgettable“

Шведската полиција уапси четворица терористи

Балтикот стана „НАТО море“ – По 200 години неутралност Шведска стана 32 членка на Алијансата

Шведска е во НАТО, Унгарија даде зелено светло