Стапиците од наводното „укинување” на роамингот

Од:

Дојче веле – Берлин

Од 15 јуни забрането е да се наплатуваат услугите на роаминг во рамки на ЕУ. Теоретски така корисникот со германска картичка ќе може да телефонира од Шпанија под истите услови како дома. Но, тоа е сепак само теорија.

Европската унија „укинувањето на надоместокот за роаминг” често го истакнува како голема победа над моќните телекомуникациски концерни и одличен пример дека Брисел навистина нешто прави со цел своите граѓани да ги заштити од самоволието на пазарот. Сега граѓаните на ЕУ треба слободно да ги користат своите мобилни телефони каде било во ЕУ, без страв од скапи тарифи поради фактот дека се наоѓаат во некоја друга земја.

На честитките за таквата обединета Европа се придружуваат и некои медиуми. Така весникот „Тагешпигел“ пишува за „триумфот на ЕУ не е само над интересите на телекомуникациските компании“. – Оваа одлука покажува дека Европа навистина може да го подобри секојдневниот живот на своите граѓани. 500 милиони потрошувачи ќе имаат корист, пишува берлинскиот весник.

Но, има сепак и големи дупки и стапици за паричниците на корисниците. Бидејќи телекомуникациските концерни, пред се од Германија и Шпанија, успеаја да ја разводнат идејата за заедничка европска мрежа на мобилната телефонија. На хартија е навистина така како што вети Европската комисија: корисниците ќе плаќаат иста цена за разговорите, праќањето на пораки и користење на интернет во друга земја на ЕУ, како да се во својата. Но, и тука треба добро да се погледне што пишува во договорот.

Хрватска за Германците останува странство

Првиот проблем се земјите на Европа кои не се членки на ЕУ (како Швајцарија) или така да кажеме, штотуку приклучените членки на меѓудржавните договори на ЕУ, како што се на пример Монако, Андора или Сан Марино. Но, додека таму можеби ќе морате да се качите на некоја повисока зграда за да ја фатите мрежата на блиските Франција, Шпанија или Италија, многу поголем проблем е што телекомуникациските концерни се уште под „странство” ги сфаќаат сите земји кои не се ваша татковина, без оглед на Европската унија.

Тоа го истакна и Сузана Блум од германското здружение за заштита на потрошувачите. – Голем проблем е што повиците во странство не се регулирани со тој пропис. Јас можам да одам во Шпанија на одмор со својот германски број и да се јавам во Германија по истата тарифа. Но, ако сум во Германија и сакам да се јавам на некого во странство, тоа сега може да биде уште поскапо. Парадокс е дека може да биде поскапо да се јавам во Полска од Германија, отколку да се јавам во Полска додека сум во Шпанија, вели Блум.

Брисел овој пропис го слави како голема победа во процесот на обединувањето, но за телекомуникациските компании целосното обединување е се уште далеку: по правило тие го користат терминот „европско странство” и повиците во тие земји секако се нешто поповолни отколку во Уганда, Парагвај или Монголија. Но, тоа за нив се уште е странство.

„Флетрејт” не е баш флетрејт

Сузана Блум вели дека на крајот на краиштата цели закони „правно излегле многу комплицирани и ги збунуваат корисниците“. – Ние како здружение за заштита на потрошувачите упорно баравме и т.н. меѓународни повици да бидат вклучени во тоа правило, но за тоа не се ни преговараше, дидава таа.

Постои уште една голема стапица која може скапо да ги чини европските потрошувачи: многумина склучија договор со некоја телекомуникациска компанија која не привлекла со неограничено користење, т.н. флетрејт: се плаќа месечна претплата, а потоа можеме да разговараме, да праќаме пораки и да користиме интернет до изнемоштеност. Малку е веројатно дека со вашиот договор е предвидено тој флетрејт од 15 јуни да важи во „европското странство”. Посебно кога станува збор за преземање на податоци, значи интернетот, во најдобар случај се нуди само одредена количина на поволни мегабајти, а потоа лесно врската може да стане или бавна или скапа, најчесто и едното и другото.

Гиљермо Белтра, правник во европското здружение за заштита на потрошувачите БЕУЦ, предупредува дека во многу земји членки неоправдано е скапо да повикува некоја друга земја и укинувањето на роамингот не значи дека на тоа ќе дојде крајот. Објаснува дека тоа е заслуга на големите национални компании, пред се на германскиот „Телеком“ и шпанската “Телефоника“. – Тоа се најголемите поединечни оператори и тие имаат големо влијание на своите влади, значи влади кои имаат и големо политичко влијание во Брисел, вели Бетра.

Сепак и шанса за телекомуникациските концерни

Од една страна, националните компании се плашеа дека одеднаш сите ќе посакаат СИМ картичка од некоја земја членка на ЕУ, каде тарифите се ниски. Се слушнаа и предлози за временско укинување на роамингот, но за тоа повеќе не се дебатира. Меѓутоа, Белтра верува дека и телекомуникациските концерни на крајот ќе бидат среќни со новите правила, бидејќи се отвараат и нови деловни можности.

– Мислам дека тие ќе увидат дека чашата е полу празна и полу полна, како што и ние тоа го гледаме. Бидејќи се отвара нов период налик на неограничена комуникација. Ова се добри времиња за телекомуникацискиот сектор бидејќи ЕУ носи закони кои ги рушат границите на тие комуникации. Проблем е што компаниите во минатото беа кусогледи и се трудеа да ги зачуваат изворите на приходите за кои знаеја дека ќе пресушат, вели правникот на европското здружение за заштита на потрошувачите.

Тој додава дека во Европската комисија сепак веќе се размислува и за укинување на тоа „европско странство” и навистина за создавање на телекомуникациски обединета Европа.

Би можело да ве интересира

Ахмети: Александар Дугин, главата на руските политики има партија во Македонија

Нови промени за сообраќајните казни во ЕУ: Никој веќе нема да може да ги избегне

ЕУ постигна привремена спогодба за нови правила за трговија со огнено оружје

СДСМ: ЕУ е единствен патоказ за подобра македонска иднина

А1он

Европската Комисија ќе обезбеди општи рамковни услови за почеток на преговорите со Украина за пристапување во ЕУ

ЕУ за А1он: Измените на Законот за игри на среќа не упатуваат ниту на ограниченото европското законодавство

Александар Тодески