SpaceX, без најава, го ограничи Starlink за украинската војска

Од:

Компанијата „Спејс Икс“ на Илон Маск го ограничи работењето на дел од сателитскиот систем што го користи украинската војска, поради што пропаднале неколку воени мисии. За проблемот денеска извести советникот на украинскиот претседател Володимир Зеленски, Сергеј Бескрестнов, познат како Флеш, а информацијата ја потврдил и извор од украинската војска за Ројтерс.

Ограничувањето се однесува на воената услуга „Старшилд“, која повеќе не функционира при брзини поголеми од приближно 160 километри на час. Стандардните терминали на „Старлинк“ засега продолжуваат да работат.

Бескрестнов на Телеграм објави дека украинската војска не била однапред известена за промената.
„Нашите одбранбени сили не добија предупредување за ова ограничување, што доведе до неуспех на неколку мисии“, напиша тој.

Проблемите со „Старлинк“ ги потврдил и извор од украинскиот 7. корпус за брзо дејствување, распореден во југоисточниот дел на фронтот, објави Ројтерс.

„Старлинк“ има исклучително важна улога за украинските сили, бидејќи овозможува сателитска интернет-врска во области каде што другата комуникациска инфраструктура е уништена или недостапна.

Системот се користи за комуникација меѓу воените единици, пренос на податоци и управување со дел од беспилотните системи.

На проблемот предупреди и украинскиот активист и поранешен советник на министерот за одбрана, Сергеј Стерненко. Според него, во текот на ноќта почнале да губат врска терминалите што се движеле со брзина поголема од 160 километри на час.

Стерненко тврди дека поради тоа пропаднале неколку важни мисии. Тој изнесе претпоставка дека „Спејс Икс“ можеби го вовел ограничувањето на барање на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп. Засега нема независна потврда за ова тврдење. Ројтерс не објави дека американската администрација наредила воведување на ограничувањето.

Интересно е што Бескрестнов пред неколку дена ги отфрли гласините дека „Спејс Икс“ би можел да го исклучи „Старлинк“ за украинската војска.

Тој тогаш порача дека Украина има добри и стабилни партнерски односи со „Спејс Икс“ и дека Илон Маск, пред сè, е бизнисмен, а Украина е важен клиент на неговата компанија.

Денешното ограничување не значи дека „Старлинк“ престанал да работи во Украина. Сепак, случајот покажува колку промените во работата на сателитската мрежа можат непосредно да влијаат врз украинските воени операции.

Засега не е познато зошто „Спејс Икс“ го вовел ограничувањето ниту колку долго ќе остане во сила.

Би можело да ве интересира

Републиканците се бунтуваат против Трамп, му испратија писмо

ВИДЕО: Русите жестоко го нападнаа Киев, Украинците ги обвинуваат сојузниците

Канал 12: Нетанјаху му предложи на Трамп да ја обнови војната против Иран пред изборите

Трамп бара нов претседател на Украина, договорот со Путин за дизел-гориво отвора нови тензии

Повеќето Американци сметаат дека Трамп ја користи својата функција за лично богатење

Трамп: Хутите се однесуваат многу лошо, можеби Ердоган би можел да интервенира

Горан Наумовски