Советот за безбедност на ОН засега без договор за продолжување испораки со помош за Сирија

Од:

Советот за безбедност на Обединетите нации (ОН) денеска ќе ги продолжи дискусиите за тоа дали за шест месеци или за година дена бидат продолжени испораките помош од Турција за околу четири милиони луѓе во областите на северозападна Сирија што се под контрола на опозицијата.

Мандатот на ОН за осумгодишната хуманитарна операција истекува в недела, а за време на синоќешните дискусии по прашањето дојде до конфликт меѓу Русија и САД и Велика Британија.

Русија сака операцијата да биде продолжена за шест месеци и да се усвои нова резолуција за продолжување на уште шест месеци, изјави заменикот-руски амбасадор во ОН Дмитриј Полјански.

Американската амбасадорка во Обединетите нации Линда Томас-Гринфилд изјави дека шесте месеци завршуваат во најлош можен период, во јануари среде зима.

„Шестмесечната резолуција не дава сигурност за сириските бегалци ниту доверба на невладините организации (групи за помош) за да продолжат да планираат и да даваат поддршка“, рече Томас-Гринфилд, која минатиот месец го посети турскиот граничен премин за да процени како се одвиват активностите на терен.

Компромисниот текст изготвен од Ирска и Норвешка објавен доцна синоќа предвидува обновување на хуманираните операции за една година, со барање од Советот за безбедност да усвои нова резолуција доколку мандатот заврши по шест месеци.

Гласањето на Советот за безбедност по однос операцијата за прекугранична помош беше прашање оспорувано неколку години. Во 2014 година Советот за безбедност одобри испораки хуманитарна помош до областите во Сирија што се под контрола на опозицијата од Ирак, Јордан и две точки во Турција. Подоцна Русија и Кина користејќи го правото на вето помошта ја ограничија на само една турска гранична точка.

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш минатиот месец апелираше до Советот да одобри продолжување на испораките помош од Турција во северозападна Сирија, во пораката дека светот не смее да се откаже од народот во Сирија.

Извор: МИА

Би можело да ве интересира

Најмалку пет ракети истрелани од Ирак кон американската воена база во Сирија

ВИДЕО: Експлозија на пазар во Сирија, најмалку седуммина мртви и 30 повредени

Полјански: Труењето со осиромашен ураниум ќе прогонува 60 идни генерации на Балканот

Израел нападна сириски град, 38 загинати

Советот за безбедност на ОН не ја усвои американската резолуција со која се бара итен прекин на огнот во Газа

ВИДЕО: Израел го нападна Дамаск