Премиерот на Тунис Хабиб Есид разреши од функциите шестмина високи функционери на полицијата и на безбедносните сили, по минатонеделниот терористички напад во најпознатиот домашен музеј „Бардо“ во тунискиот главен град.
Соопштението за сменувањата, уследи во време кога премиерот Есид беше во посета на музејот. Покрај полициски функционери, сменети се и оние задолжени за безбедноста во „Бардо“.
Премиерот Есид навести и низа промени во организацијата и уредувањети на безбедносниот систем на земјата.
Исламистичката милитантна група Исламска држава (ИД) соопшти дека нејзини млади џихадисти го извршиле нападот, во кој беа убиени 23 лица.
Најголем број од нив беа странски туристи, најмногу од Европа, кои биле во куса неколку часовна посета на градот Тунис, во текот на крстосувањето со брод по Медитеранот.
Двајца од терористите беа ликвидирани во текот на вооружената пресметка со туниските безбедносни сили и обезбедувањето на музејот, но еден од нив успеал да побегне.
Нападот во „Бардо“ е најкрвавиот инцидент во Тунис по насилното соборување на поранешниот претседател Зине ал Абдине Бен Али во пролета 2011 година, што се означува како почеток на антивладините протести за повеќе демократија во низа арапските земји, познат како „Арапска пролет“.
Безбедносни експерти веруваат дека ИД не ќе може да формира свои исламистички ќелии во Тунис затоа што се верува дека во оваа земја нема услови за тоа, но дека не мал број млади Тунижани кои престојуваат во соседна Либија и војуваат во некоја од тамошните исламистички милиции, лесно може да ја минат недоволно обезбедуваната граница.