Десничарските партии во скандинавските земји, Данската Народна партија и Вистинските Финци, вчера беа прифатени во составот на конзервативната група ЕЦР во Европскиот парламент.
Со тоа, како што јави дописникот на МИА од Гетеборг, шведската екстремна десничарска партија, Шведски демократи, сега ризикува да биде игнорирана и препуштена сама на себе во Европарламентот.
Шведските демократи, кои на неодамнешните ЕУ-избори освоија два пратенички мандата од вкупно 18 колку што и припаѓаат на Шведска, веќе во неколку наврати изјавија дека во Брисел би сакале најмногу да соработуваат со Британската партија за независност Укип или со Данската Народна партија.
Но во минатата недела лидерот на Укип, Нигел Фараге, за „Свенска дагбладет“ рече дека “им изгледа мошне неверојатно“ да започнат соработка со Шведските демократи.
Шведските демократи, како што јавија медиумите, денеска формално поднесоа барање за членство и во ЕЦР и во групата на Укип, ЕФД.
Данската народна партија и Вистинските Финци најавија дека ќе го напуштат ЕФД, а што се однесува до Шведските демократи, тие од своја страна сметаат дека Укип досега дефинитивно не ја исклучил можноста од соработка со нив, но дека ситуацијата моментно е мошне нејасна.
Шведските демократи моментно се четврта по големина парламентарна партија во Шведска, судејќи според резултатите на најновите сондажи. Својот профил оваа партија главно го гради врз отворено нетолерантни ставови спрема имигрантите и бегалците и противење на ЕУ-политиките околу слободата на движење и миграциите.