Шесте арапски монархии од Заливот одлучија да формираат заедничка полиција и военопоморски сили, соопштија светските агенции.
Одлуката беше донесена на вчера завршениот самит на Советот за соработка во Заливот, што се одржа во катарската престолнина Доха.
Катарскиот министер за надворешни работи Халид бин Мохамед ал Атија изјави дека полициските сили ќе ја подобрат соработката во борбата против тероризмот, пренесоа американските медиуми.
– Тоа ќе биде нешто слично на Интерпол, но во границите на земјите од Советот за соработка во Заливот (ССЗ), изјави министерот на прес конференцијата по средбата.
Локалниот печат информира дека заедничката полиција ќе се бори, исто така, и против шверцот на наркотици, перењето пари и кибер криминалот.
Штабот на новиот безбедносен орган ќе биде во Абу Даби, престолнината на Обединетите Арапски Емирати.
Планот за создавњето на заеднички военопоморски сили беше споменат во завршната декларација од средбата, но без никакви други детали, забележува ТАСС.
Во декларацијата монархиите од Заливот ја изразија „својата целосна поддршка за Египет“ и политичката програма на претседателот Абдел Фатах ал Сиси. Со овој став се забележува промена во позицијата на Катар, државата која долго време го поддржуваше египетското движење „Муслиманско братство“ и поранешниот претседател исламист Мохамед Морси, кој минатата година на сила беше соборен од армијата предвидена од Ас Сиси.