Северна Кореја, која денеска ја изврши својата трета нуклеарна проба, истакна дека никогаш нема да ги почитува резолуциите поврзани со нуклеарната програма на земјата, како и дека шансите за Корејски Полуостров без нуклеарно оружје се лоши поради непријателската политика на САД.
Претставник на Северна Кореја на форумот на Обединетите нации за разоружување во Женева, денеска истакна дека доколку ЕУ навистина сака мир и безбедност на Корејскиот полуостров, тогаш треба прво да влијае на САД за прекин на својата непријателска политика кон Демократската Народна Република Кореја.
Најновата нуклеарна проба на Северна Кореја предизвика остри критики од САД, Јапонија, Европа и Кина, единствениот голем сојузник на Пјонгјанг.
Амбасадорот на САД за разоружување Лаура Кенеди во своето обраќање на форумот во Женева нагласи дека го смета за голем контраст тоа што додека повеќе милиони луѓе го слават пролетниот фестивал, што е време кога се слави мирот и просперитетот, Северна Кореја извршува трето тестирање на нуклеарно оружје.
Јужнокорејскиот амбасадор Квон Хаерјонг истакна дека Северна Кореја е единствена земја која врши флагрантно непочитување на спроведувањето на нуклеарни тестирања по 1996 година, кога на форумот за разоружување беше постигнат глобален договор за нивна забрана.