Печатот во Северна Кореја денеска ништо не соопштува за можното истрелување балистички ракети со среден дострел.
Една од главните теми во денешните весници е подготовката за одбележувањето на главниот празник во земјата – роденденот на основачот на Северна Кореја Ким Ил-сунг, на 15 април, пренесоа руските медиуми.
Нормално функционираат дипломатските мисии во Пјонгјанг, а, исто така, и канцелариите на хуманитарните организации.
Во севернокорејската престолнина се чувствува спокој, а не паника, и покрај зачестените закани од раководството за претстојна нуклеарна војна, соопштуваат американски медиуми во репортажи од Пјонгјанг.
Десетици Севернокорејци со лопати учествуваат во кампања за засадување дрва. На плоштадите низ главниот град синоќа жени во традиционални носии танцуваа за да ја одбележат 20-годишнината од застанувањето на покојниот лидер Ким Џонг-ил на чело на земјата.
Последното предупредување, упатено од азиско-тихоокеанскиот комитет за мир, беше кон сите странски компании и туристи во Јужна Кореја да се евакуираат на безбедни места.
Ситуацијата на Корејскиот полуостров е на работ на термонуклеарна војна како резултат на неприкинатите непријателски активности на САД и нивната јужнокорејска марионета и нивните подготовки за конфликт со нашата земја, се наведува во соопштението на комитетот.
Американските медиуми наведуваат дека нема знаци за масовно заминување на странски компании или туристи од Јужна Кореја.
Портпаролот на Белата куќа Џеј Карни изјавата ја нарече „празна реторика“.
Аналитичарите за крајно неверојатен го сметаат директниот напад врз Сеул и не забележуваат знаци на севернокорејската армија за подготовка за војна, особено нуклеарна, посочуваат американските медиуми.
Најголемиот граничен премин меѓу Кина и Северна Кореја, во градот Дандонг, е затворен за минување на туристички групи, за француските медиуми соопшти царински службеник од овој град.
-Туристичките агенции немаат одобрение да одат таму, затоа што севернокорејската влада на странците им кажа да ја напуштата земјата. Колку што знам, бизнисмените можат слободно да влезат и да излезат од Северна Кореја, изјавил изворот, кој посакал анонимност.