Се уште нема показатели за тензии во главниот град на Северна Кореја, весниците не пишуваат за евентуалното истрелување на балистички ракети, а странските дипломатски мисии и канцелариите на меѓународните хуманитарни организации работат како и досега, јави БТА.
Во Пјонгјанг и другите градови продолжува националната пролетна кампања за чистење на градските паркови, улиците, булеварите и плоштадите. Десетици илјади жители секој ден садат дрва, цвеќиња, ги чистат површинте пред нивните домови и претпријатија.
Пјонгјанг се подготвува за одбележување на 15 април, кога земјата го празнува главниот национален празник – годишнината од раѓањето на „првиот и вечен претседател“ Ким Ил-сунг. Градот е украсен со венци од цвеќе, со разнобојни знаменца, се виорат државното црвено-сино-бело знаме и црвени партиски знамиња.
На улиците се закачени плакати со повик за нови успеси за труд, уште поголема сплотеност околу младиот лидер Ким Џонг-ун „во услови на сурово ривалство со САД и Јужна Кореја“.
Медиумите сепак не објавуваат повеќе соопштенија за масовните митинзи против САД. Радиото и телевизиите емитуваат содржини за економскиот раст, предвиден со новата државна стратегија, одобрена во март на пленум на Централниот комитет на Корејската работничка партија.
Во врска со претстојниот празник во Пјонгјанг масовно пристигнуваат поклоници од целата земја, за да се искачат на ридот Мансу и да положат цвеќе пред гигантските статуи на Ким Ил-сунг и на неговиот син Ким Џонг-ил.
На 14 април во Пјонгјанг ќе се одржи 26-от меѓународен маратон во чест на основачот на државата со учество на спортисти од 16 земји и региони, соопшти севернокорејското Министерство за физичка култура и спорт. На театарските сцени и на уличните бини почнува третиот фестивал на фолклорот. По повод празникот во целата земја се организира фестивал на играни и документарни филмови, со кои се величаат „револуционерните подвизи и заслуги на генералите“.
Во врска со празникот Ким Џонг-ун им испраќа свои автограми на работниците и службениците во различни претпријатија и установи, како благодарност за „писмата со заклетва за верност испратени до него“.