Северна Кореја смета дека американската политика кон неа го направила корејскиот полуостров најопасно место на планетата а една искра може да доведе до нуклеарна војна, изјави висок претставник во неговиот говор пред Генералното собрание на ОН во Њујорк.
Еден од последните говорници на годинешното собрание на претставниците на 193-те држави, севернокорејскиот заменик-министер за надворешни работи Пак Кил Јон во својот говор ја осуди политиката на САД и го пофали новиот лидер на таа комунистичка земја, Ким Јонг Ун.
„Денес поради продолжување на непријателската политика на САД кон Демократска Народна Република Кореја, Корејскиот полуостров стана најопасното место на светот, каде една искра може да предизвика нуклеарна војна“, изјави Пак.
Северна Кореја одамна тврди дека е принудена да поседува нуклеарно оружје во самоодбрана поради непријателската политика на САД, кои имаат воени упоришта во Јужна Кореја и во Јапонија. Пак, исто така, нагласи дека народот на Северна Кореја стои зад својот нов лидер, кој дошол на власт по смртта на неговиот татко.