Северна Кореја одлучи да ги прекине активностите на својата воена мисија во Панминжон, во демилитаризираната зона, каде се водеа преговори со претставници на САД, изјави во телевизиско обраќање претставник на Врховната команда на севернокорејската армија, пренесоа руските медиуми.
Тој подвлече дека, како одговор на заедничките вежби на САД и Јужна Кореја во близина на границата со Северна Кореја, севернокорејската армија „ќе преземе дополнителни мерки за самоодбрана“.
Спогодбата за примирје, потпишана на крајот на Корејската војна (1950-1953 година) „целосно ја има изгубено својата сила“, додаде тој.
Советот за безбедност на ОН денеска попладне ќе се собере на консултации зад затворени врати, откако САД и Кина се договорија за основните ставови за предлог резолуцијата за нови санкции против Северна Кореја. Тоа се случува по третата нуклеарна проба на Северна Кореја, извршена на 12 февруари, што беше широко осудена, вклучувајќи ги и Советот за безбедност на ОН и Кина.