Армијата на Северна Кореја се закани дека ќе ги уништи балоните, што јужнокорејски активисти планираат да ги пуштат преку границата со 10.000 ДВД копии од филмот „Интервју“.
Корејската Народна Армија соопшти синоќа дека ќе одговори со сите расположливи средства без претходно предупредување за неутрализирање на балоните, откако иницијативата на јужнокорејските активисти беше оценета како најтешка политички мотивирана провокација против Северна Кореја и „де факто“ прогласување војна.
Јужнокорејски активисти планираат да пратат ДВД копии од филмот, што на комедичен начин го прикажува наводниот атентат на севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун заедно со 500.000 пропагандни флаери со балони преку границата на 26 март.