Лидерот на Северна Кореја, Ким Џонг-Ун ја надгледуваше најновата воена вежба за лансирање на балистички ракети со краток дострел, јавија утрово севернокорејските медиуми, што потврдува дека Пјонгјанг повторно истрела ракети и покрај осудата од Обединетите нации.
Првпат Северна Кореја лансира балкистички ракети откако Советот за безбедност на ОН на 17 јули официјално го осуди Пјонгјанг поради неодамнешните тестирања на тој вид оружје, што претставува кршење на резолуциијата на ОН.
Севернокорејската државна новинска агенција КЦНА најновото лансирање го опиша како „вежба за истрелување на ракети“ со цел симулација на напади на воени бази во Јужна Кореја, каде се стационирани 28.500 американски војници.
– Ким Џонг-Ун ја надгледуваше примената на планот насочен кон актуелната локација на воените бази на американскиот империјалистички агресор во симулирани услови на борба кои имаат за цел напад и уништување на тие сили, објави КЦНА.
Вежбата е одржана на 27 јули на годишнината од Договорот за прекин на огнот потпишан на крајот од Корејската војна, која траеше од 1950 до 1953 година.