Северна Кореја ќе го предизвика сопственото уништување, доколку изврши нуклеарен напад, предупреди денеска портпаролот на јужнокорејското Министерство за одбрана.
– Доколку Северна Кореја ја нападне Јужна Кореја со нуклеарно оружје, режимот на Ким Џонг-ун ќе исчезне од лицето на Земјата, нагласи тој.
Сеул излезе со ова предупредување, по заканите кои Пјонгјанг ги упатуваше оваа недела.
Северна Кореја претходно денеска соопшти дека ги поништува спогодбите за ненапаѓање на Јужна Кореја и оти ќе ја прекине телефонската линија за вонредна врска меѓу двете земји. Ова се случи неколку часа, откако Советот за безбедност на Обединетите нации гласаше за нови санкции против Пјонгјанг.
Главниот договор за ненапаѓање беше потпишан во 1991 година. Тој ги обврзуваше двете земји да ги решат своите спорови по мирен пат и да избегнат воени конфронтации.