Северна Кореја може да почека до крајот на јули за да ја изврши ракетната проба, соопшти јужнокорејското Министерство за одбрана, нагласувајќи дека состојбата на Корејскиот Полуостров е затегната и оти таквата ситуација може да трае со месеци.
Според јужнокорејските разузнавачки служби Северна Кореја неодамна распоредила на источното крајбрежје ракетни системи и ракети со различни дострели, од кои некои можат да достигнат до Јужна Кореја, Јапонија и американскиот остров Гуам.
Некои експерти претпоставуваа дека Пјонгјанг ќе изврши една или повеќе ракетни проби околу 15 април, на 101 годишнината од раѓањето на Ким Ил-сунг, основачот на Северна Кореја.
Сега се споменуваат повеќе варијанти, меѓу кои 25 април, кога се празнува создавањето на севернокорејската армија, 30 април кога завршуваат американско-јужнокорејските вежби или 27 јули, кога се празнува годишнината од примирјето, склучено на крајот на Корејската војна (1950-1953).