Лидерите на Јужна Кореја и Кина повторија денеска дека остро се спротиставуваат на нуклеарните амбиции на Северна Кореја и оти ќе се обидат до крајот на годината да завршат преговори за слободна трговија.
Посетата на претседателот на Кина Си Џинпинг во Сеул и петтата средба со јужнокорејскиот лидер откако се на функција, имаше за цел да се зајакнат трговските и дипломатските врски меѓу двете држави.
Според западни медиуми, Си во Сеул отпатувал за да ги увери тамошните власти и претседателката Пак Геун-хје дека ќе продолжат со притисокот врз Пјонгјанг да запре со обидите да се здобие со нуклеарно оружје. По состанокот Си и Пак изјавија дека остро се спротиставуваат на нуклеарно оружје на Корејскиот полуостров. Си, според кинескиот дипломатски обичај, не ја именуваше Северна Кореја.