Покривот на Европскиот музеј во луксембуршкиот град Шенген, симболот на европската интеграција, вчера се урна одненадеж, како своевидна метафора на тешката криза во изградбата на Европа, пренесуваат француските медиуми.
Покривот се урна во момент на затворање на музејот, малку по 18 часот по локално време. Разурната е околу една третина од покривната површина, но за среќа во инцидентот нема повредени. Во моментот на затворањето во музејот се наоѓале двајца посетители и еден вработен во музејот.
– Ова е знак дека имаме работа за враќање, „прозаично“ за француските медиуми изјави Бен Хоман, градоначалникот на Шенген, градот чие име веќе 30 години се поврзува со слободното движење на луѓе, стоки и услуги, едно од најзабележливите постигнувања на ЕУ. Градоначалникот одби на инцидентот да гледа како на „симбол“ на тешката миграциска криза, поделеноста на Европа, а токму ЕУ ја повика „да направи се што е можно за зачувување на овој отворен простор“.
На 14 јуни 1985 година во Шенген пет земји членки на ЕУ (Луксембург, Белгија, Германија, Франција и Холандија) потпишаа спогодба што предвидуваше укинување на граничната контрола на нивните надворешни граници. Спогодбата влезе во сила во 1995 година и денеска е прифатена од 22 земји во ЕУ, како и Ирска, Лихтенштајн, Норвешка и Швајцарија.
Поради приливот на бегалци, меѓутоа, Австрија, Германија, Данска, Шведска и Норвешка ја обновија контролата над своите граници, потсетуваат француските медиуми.