Неодамна направените сателитски снимки покажуваат дека Северна Кореја можеби е речиси целосно подготвена да ја исполни својата закана и да изврши трета нуклеарна проба, пренесоа американските медиуми, повикувајќи се на наод на американски институт.
Снимките се од објектот каде Пјонгјанг веќе изврши две нукеларни проби во 2006 и 2009 година.
Од снимките станува јасно дека патиштата што водат до објектот во последно време се држеле чисти од снегот, а се претпоставува дека Севернокорејците веќе го запечатуваат тунелот во планината, каде ќе се активира третата бомба.
Анализата на снимките е направена од Институтот за американо-севернокорејски односи на колеџот Џон Хопкинс, за меѓународни истражувања.
Во четвртокот Пјонгјанг се закани со нова нуклеарна проба и со истрелување на нови ракети со голем досег. Заканата беше упатена откако Советот за безбедност на ОН ги засили санкциите против Пјонгјанг заради ракетните тестирања од декември минатата година.
Во четвртокот јужнокорејските медиуми цитираа експерти од разузнавањето, според кои техничките подготовки за нова нуклеарна проба се речиси готови и Северот може да ја изврши во следните денови, откако режимот донесе одлука во таа насока.