Бранот на Ковид-19 не успорува во Европа, така што Германија денеска потврди повеќе од 100.000 заразени за едно деноноќие, а Чешка повеќе од 28.000, најмногу откако се забележани првите случаи на коронавирус во земјата, а и Бразил постави нов рекорд.
Податоците на германскиот институт Роберт Кох (РКИ) за контрола и превенција на болести, објавени во средата, покажуваат дека во изминатите 24 часа се потврдени 112.323 нови случаи на коронавирус, пренесува ДПА.
The World Health Organization warns the Covid-19 pandemic is far from over, as France, Germany and Brazil post new records of infections in the past 24 hours https://t.co/qjIN7WG9YS pic.twitter.com/eHz4hWUEED
— AFP News Agency (@AFP) January 19, 2022
Во петокот, германските здравствени власти потврдија 90.000 нови инфекции, во однос на 80.430 претходниот викенд.
Чешката Република објави 28.469 нови случаи во средата, што е најголем број откако пандемијата пристигна во земјата во март 2020 година. Бројот на заразени е повеќе од двојно во споредба со 12.371 случај пријавени во средата минатата недела, забележува Ројтерс.
Дневниот број на заразени во Франција ги надмина просечните 300.000 во последната недела, соопштија властите.
Бугарија во средата пријави 11.181 заразени случаи во еден ден, при што доминира варијантата омикрон.
Во Бугарија, помалку од 30 отсто од 7 милиони жители се вакцинирани, повеќе од 840.000 луѓе се заразени, а 32.332 починале од почетокот на пандемијата.
Надвор од Европа, Бразил потврди нови 137.103 заразени во последните 24 часа и 351 смртен случај со Ковид-19, што е највисок дневен број од средината на ноември. Новиот бран е предизвикан од високо заразниот вид на омикрон, соопшти во вторникот Министерството за здравство.
Јужноамериканската земја сега има 23.211.894 потврдени заразени од почетокот на пандемијата, а според официјалните податоци, со 621.517 смртни случаи се зад САД во однос на смртноста, пишува Ројтерс.
Јужна Америка, исто така, бележи неславен рекорд на блокирање на патиштата поради пандемија, поточно поради тестови за ковид.
Повеќе од 300 камиони од Аргентина беа блокирани во вторникот на главниот граничен премин со Чиле на Андите, поради систематски спроведено тестирање за ковид кај возачите.
Блокадата на преминот Пасо Кристо Редентор, на надморска височина од повеќе од 3.100 метри, започна пред два дена кога чилеанските власти ја зајакнаа санитарната контрола со антигенски тестови, соопшти Aргентинската федерација за патен товарен транспорт (FADEEAC).
Фондацијата Бил и Мелинда Гејтс и британската добротворна организација Wellcome во вторникот објавија дека инвестираат дополнителни 150 милиони долари во борбата против Ковид-19 и спречување на идни пандемии.
Парите ќе бидат исплатени на Коалицијата за иновации во подготовка за епидемии, која учествува во Механизмот за дистрибуција на вакцини за сиромашните земји (COVAX).
Колку е ова важно е јасно од предупредувањето на Светската здравствена организација (СЗО) во вторникот дека пандемијата на ковид е „далеку од завршена“ и дека варијантата омикрон не треба да се сфати како лесна.
Самиот факт дека пандемијата на Ковид-19 еден ден ќе биде ендемична не значи дека вирусот повеќе нема да биде опасен, предупреди во вторникот директорот за управување со кризи на СЗО.
Пандемијата на Ковид-19 убила најмалку 5.543.637 луѓе ширум светот од крајот на декември 2019 година, според податоците собрани од АФП од официјални извори до вторникот на пладне.
Во апсолутни бројки, САД се први со 853.720 починати, потоа Бразил со 621.517, Индија со 486.761 и Русија со 322.678 смртни случаи.
СЗО проценува, земајќи ја предвид зголемената смртност директно и индиректно поврзана со Ковид, дека вкупниот број на смртни случаи може да биде два до три пати поголем од официјално потврденото.