Рускиот претседател Владимир Путин денеска изјави дека ситуацијата на рускиот пазар на нафтени деривати е моментално тешка, како и дека се неизбежни мерки како одговор на украинските напади врз енергетските постројки.
„Моменталната состојба на пазарот на нафтени деривати останува тешка. Во таа смисла, би сакал да им укажам на моите колеги на потребата и понатаму навремено да се реагира на рамнотежата меѓу понудата и побарувачката на гориво низ Русија. Гледаме дека режимот во Киев продолжува со нападите врз нашите рафинерии“, рече Путин на состанокот на Комисијата за стратешки развој на горивно-енергетскиот комплекс и еколошка безбедност, пренесува „РИА Новости“.
Путин истакна дека цените на бензинот во повеќето руски региони се стабилизирале откако го достигнаа својот врв на почетокот на октомври, како и дека на домашниот пазар на гориво се одржува стабилност.
