На самитот на Г20, рускиот претседател Владимир Путин и кинескиот претседател Си Џинпинг повикаа на забрзување на меѓусебното одобрување на вакцината против Ковид-19.
– Путин на собирот на најголемите светски економии викендов во Рим, главниот град на Италија, која претседава со состанокот, учествува виртуелно поради епидемиолошката ситуација, изјави претходно неговиот портпарол.
Во своето обраќање рускиот претседател рече дека Светската здравствена организација (СЗО) мора да биде побрза во одобрувањето на вакцините.
Таа агенција на Обединетите нации сè уште не ја одобрила руската вакцина Спутник V, која се користи во повеќе од 70 земји.
Путин повика на развој на механизми за да може вакцините да се ажурираат во согласност со новите соеви коронавирус, пренесува италијанската агенција Анса.
Шефот на руската држава го критикуваше „протекционистичкиот“ однос на некои земји кон вакцините.
Европската агенција за лекови (ЕМА) на почетокот на овој месец објави дека нема да ја одобри руската вакцина Спутник V оваа година, бидејќи нема доволно податоци за тоа.
ЕМА сè уште не одобрила ниту кинески вакцини.
Си, кој исто така присуствува на самитот на Г20 виртуелно и не ја напуштил Кина од почетокот на пандемијата на коронавирус, повика на еднаков третман и взаемно признавање на вакцините против Ковид-19 врз основа на одобрението на СЗО, кое ги признава кинеските вакцини „Синовак“ и „Синофарм“.
Во своето обраќање, Си рече дека Кина му дала над 1,6 милијарди дози вакцини на светот и дека разговара со 16 земји за соработка во производството на вакцини.
На самитот на Г20 се очекува да доминира и прашањето за климатските промени, пред конференцијата на ОН (COP26) на оваа тема, која од недела се одржува во Глазгов.
Ова е првпат лидерите на Г20 да се сретнат откако Ковид-19 се прошири низ светот.