Стотици демонстранти во јужнокинескиот град Џиангмен денеска ги принудија властите да ги продолжат јавните консултации за изградбата на објект за преработка на ураниум.
Локалните претставници на Џиангмен, во јужната кинеска провинција Гуангдонг, ветија дека ќе ги продолжат разговорите за уште десет дена. Нивната одлука уследи по неколку часовниот протестен марш низ улиците на градот, на кој учествуваа цели семејства.
На еден од транспарентите пишуваше „Сакаме да имаме деца, а не атоми“. Објектот, според планираното треба да се изгради на 230 хектари на средина од индустриски развиената делта на Бисерна Река.
Локалните власти веќе потпишале договор со Кинеската национална нуклеарна корпорација за изградба на комплексот, а изградбата треба да почне до крајот на годината.
Планираниот нуклеарен објект предизвика и вознемиреност и во соседните градови Хонг Конг и Макао.