Стотици демонстранти во Кабул фрлаа камења за време на денешните протести против објавувањето на карикатури на пророкот Мухамед во францускиот весник „Шарли ебдо“.
Полицијата возврати со истрели во воздух, во обид да ја растури толпата, соопштија полициски извори, цитирани од француските медиуми.
Според агенциски извори, во насилството има повредени, вклучувајќи и еден полицаец.
Локалниот печат информира дека, според очевидци, најмалку две лица се убиени, а многумина повредени.
Началникот на полицијата во Кабул, Абдул Рахман Рахими, меѓутоа,
пред репоретите на западните агенции уверуваше дека во насилните немири во главниот град нема смртни случаи.
-Седуммина демонстранти се ранети за време на протестот и однесени се во болница, додека повредени се и 17 полицајци, прецизира тој.
Демонстрантите, кои протестираа во источните предградија на Кабул, на патот за Џелалабад, беа растерани, посочи заменикот на Рахими, Сајед Ѓул Ага Рохани.
Според портпаролот на градската полиција, Хашмат Станикзај, во
протестот учествувале меѓу 400 и 500 лица.
-Ситуацијата веќе е под контрола и движењето во реонот е обновено, рече тој.
Во напад на исламисти врз француското сатирично списание „Шарли ебдо“, на 7 јануари, беа убиени 12 лица од редакцијата на весникот во Париз. Следната недела весникот повторно отпечати нова карикатура на пророкот. Оттогаш во муслиманскиот свет се оддржани многу демонстрации во знак на протест.