Екипите кои трагаат по преживеани патници од трактот што во средата се преврти на 25 километри од југозападниот брег на Јужна Кореја, денеска официјално потврдија дека пронашле уште три тела на загинати, со што вкупниот биланс на жртвите се искачи на 32.
Вкупно 270 лица и натаму се водат како исчезнати и се претпоставува дека се мртви. Веднаш по несреќата на самото место беа спасени 174 лица и од тогаш не е пронајден ниту еден преживеан.
Поголемиот дел од 476-те патници и членови на екипажот, кои се наоѓале на траектот во време на несреќата, биле средношколци кои оделе на екскурзија.
Јужнокорејската полиција доцна синоќа го уапси капетанот на тракетот. Апсењето уследи откако јужнокорејското Јавно обвинителство вчера побара издавање судски налог за апсење на капетанот Ли Џонг-сок и на уште двајца други членови на екипажот на траектот.
Обвинителството соопшти дека ја испитува претпоставката оти до трагедијата дошло кога траектот нагло завртел, при што бродот се навалил повеќе од дозволеното и се превртил. Покрај ова, се испитува и дали постапката за евакуација на патниците била спроведена навремено и согласно правилата, а се проверуваат и тврдењата на некои патници дека 69-годишниот капетан Ли меѓу првите го напуштил фериботот.
Преживени од траектот тврдеа дека евакуацијата започнала дури 40 минути по несреќата, на што Ли одговори дека акцијата било одложена поради големите бранови во морето и затоа што се уште не биле пристигнати спсаувачките бродови.