Државната радио-телевизија на Мјанмар пренесе вест дека претседателот Тиен Сиен имал средба со лидерот на опозицијата Аунг Сан Су Ќи. Според државните медиуми се разговарало за промени на Уставот на Мјанмар, но аналитичарите сметаат дека средбата е организирана за да се добие поддршка од опозицијата за стабилизација во државата соочена со жестоки вооружени судири со сепаратистичките племиња, студентските протести и штрајкови во индустриските зони.
Средбата на претседателот на Мјанмар и лидерката на опозицијата е одржана една година по нивниот последен официјален разговор. Во меѓувреме, во мјанмарскиот Парламент, контролиран од армијата, повторно е укината можноста Аунг Сан да се кандидира за претседател на државата. Формално, Аунг Сан нема право да се кандидира затоа што била мажена за странец, во нејзиниот случај државјанин на Велика Британија.
Изборите во Мјанмар се закажани за ноември годинава. Во меѓувреме треба да се организира референдум за уставни промени поврзани со изборното законодавство.