Премиерот на Малта Џосеф Мускат, обвинет за политичка вмешаност во истрагата за убиството на новинарката Дафне Каруана Галиција, ќе ја напушти функцијата на 18 јануари, откако неговата Лабуристичка партија ќе избере нов лидер, соопштија вечерва извори блиски до партијата.
Мускат наскоро треба да објави дека партиските избори ќе се одржат на 18 јануари, велат истите извори, додавајќи дека нема да биде назначен привремен лидер, затоа што Мускат ќе поднесе оставка веднаш штом ќе се избере неговиот наследник.
Шефот на кабинетот на премиерот неодамна поднесе оставка, а извори блиски до истрагата за убиството на новинарката тврдат дека тој бил повикан во полиција на сослушување.
Дафне Каруана Галиција беше убиена со бомба поставена под нејзиниот автомобил во 2017 година.