Преговорите меѓу Јужна и Северна Кореја за судбината на заедничкиот индустриски комплекс во Каесонг завршија без договор, јавија јужнокорејските медиуми.
Во текот на преговорите двете земји планираа да одредат конкретни услови за обновување на работата на индустриската зона, која не е активна повеќе од три месеци.
Сеул и Пјонгјанг претходно постигнаа принцпиелен договор за обновување на работата на комплексот во Каесонг, кој беше отворен во 2004 година и стана симбол на помирувањето и соработката на двете Кореи, носејќи притоа и солидни доходи.
Двете земји се согласија исто така да не ги попречуваат патувањата на јужнокорејски бизнисмени во границите на индустриската зона.
Во индустриската зона работеа 123 јужнокорејски компании. Вкупно во претпријатијата на комплексот беа ангажирани над 800 граѓани на Јужна Кореја и околу 53.000 севернокорејски работници, кои се занимаваа со шиење облека, склопување часовници и електрични уреди.
Ова е прво затворање на комплексот од неговото пуштање во работа пред девет години. Следната, четврта рунда од преговорите за Каесонг е закажана за во среда.