Повеќе од 150 луѓе се повредени денеска во џамијата Ал Акса во Ерусалим во судирите меѓу палестинските демонстранти и израелската полиција. Ова се први судири во областа од почетокот на Рамазан.
Според израелската полиција, „десетици маскирани лица“ влегле во Ал Акса и почнале да пукаат, по што толпата фрлала камења кон Ѕидот на плачот, кој се смета за најсвето место каде Евреите можат да се молат.
Очевидци велат дека Палестинците фрлале камења врз израелските сили, кои пукале со гумени куршуми и звучни гранати.
Палестинската Црвена полумесечина соопшти дека 153 лица се хоспитализирани, а на местото на настанот биле санирани „десетици други повреди“. Израелската полиција соопшти дека најмалку тројца полицајци се повредени.
Околу 400 луѓе се уапсени, соопшти Клубот на палестинските затвореници, група која ги поддржува затворениците.
Судирите доаѓаат по три напнати недели со смртоносни насилства во Израел и окупираниот Западен Брег, и во време кога еврејскиот празник Пасха и христијанскиот Велигден се совпаѓаат со светиот муслимански месец Рамазан.
Израелскиот министер за надворешни работи Јаир Лапид рече дека петочните „немири“ се „неприфатливи“.
„Совпаѓањето на Пасха, Рамазан и Велигден е симбол на она што не обединува. Не смееме да дозволиме на никого овие свети денови да ги претвори во платформа за омраза, поттикнување и насилство“, рече Лапид.
Претставникот на ОН за мир на Блискиот Исток, Тор Венесланд ги повика „властите од двете страни веднаш да ја деескалираат ситуацијата и да спречат какви било понатамошни провокации од радикални актери“.
Извор: МИА