Посредникот на ОН за Либија ги повика страните во либискиот конфликт да направат компромис, со цел да се избегне распад на земјата.
– Потребен е компромис за постигнување на конечен договор, за влада на национално единство, изјави Бернардино Леон за време на отворањето на новиот круг преговори меѓу ривалските либиски фракции во Алжир.
Овие преговори се последна можност, тие се решавачки момент за мир и обнова на Либија сега, кога земјата се соочува со распад на економијата и раст на групата „Исламска држава“, истакна тој.
Либија е зафатена од граѓанска војна и е поделена меѓу две влади и два парламенти, едната власт е во Триполи, а другата во Тобрук во источниот дел на земјата.
Во преговорите во Алжир учествуваат политички партии, граѓански активисти и претставници на либиски региони. Целта е да се решат несогласувањата за нацрт документот за влада на национално единство, пред поширока средба во Мароко идната недела.
На последниот круг преговори во Мароко е постигната согласност за 80 проценти од договорот и останува да се усогласат останатите 20 проценти, изјави претставник на ОН.