Американскиот државен секретар, Мајк Помпео ја поздрави одлуката на 20 европски земји, меѓу кои и Македонија, за признавање на Хуан Гуаидо за привремен претседател на Венецуела.
„Ги поздравуваме Австрија, Белгија, Хрватска, Чешка, Данска, Естонија, Финска, Франција, Германија, Исланд, Летонија, Литванија, Луксембург, Македонија, Холандија, Полска, Португалија, Шпанија, Шведска и Велика Британија за поддршката на венецуелскиот народ, со признавањето на Гаудио за привремен претседател“, напиша Помпео на „Твитер“.
Спикерот на Националното собрание на Венецуела, Хуан Гуаидо минатиот месец се прогласи за привремен венецуелски претседател на местото на шефот на државата Николас Мадуро, кој беше избран на таа функција минатата година, на избори бојкотирани од опозицијата и чии резултати беа оспорени од дел од меѓународната заедница, пред се од западните земји.
Набрзо по самопрогласувањето на Гуаидо, Вашингтон го призна за привремен претседател на Венецуела, пример што го следеа уште повеќе американски и европкси држави. Од друга страна, некои земји, меѓу кои и Русија, Турција, Иран и Куба, застанаа на страната на Мадуро.