Болничарки, секретарки или сопруги, на режимот на Хитлер служеле илјадници жени. Тие главно делувале во позадина, но многу посегнале и по оружје, тврди во својата книга Помошничките на Хитлер, Венди Ловер.
Ако се верува на историчарката Венди Ловер, нацистичкиот геноцид почнал во болниците. – Првиот метод биле таблети за спиење, инекции и прегладнување до смрт. Првите жртви биле деца – пишува американската авторка во својата книга Помошничките на Хитлер, која неодамна е преведена и на германски јазик. Таа тврди дека болничарките со смртоносни инекции убиле над илјадници инвалидизирани деца. Тоа е само еден од бројните примери со чија помош Венди Ловер ја насликала улогата на жените во национасоцијалистичкиот режим.
Не бирале средства во кариерата
– Првите националсоцијалистички убијци не биле чуварките во концентрационите логори, туку болничарките – пишува авторката и истакнува дека геноцидот не почнал во гасните комори туку на места на кои прогонетите всушност очекувале помош. Американската историчарка ги истражила животните приказни на болничарките, наставничките и секретарките и објавила 13 портрети. Некои од тие жени свесно се одлучиле за кариера во Хитлеровата Германија и не бирале средства за да напредуваат. Тие станале сведоци, учесници и вршители на многу злосторства, пишува Венди Ловер.
Третина од женското население во националсоцијалистичка Германија, околу 13 милиони жени, активно учествувале во бројни организации, а до крајот на војната константно растел и бројот на членките на партијата на Хитлер НСДАП. Во Сојузот на германските девојки (Bund Deutscher Mädel) млади жени можеле да научат да користат оружје. – Помошничките на Хитлер биле ревносни директорки, крадливки, мачителки и убијци – заклучува американската историчарка и изнесува податок дека најмалку милион жени отишле на источниот фронт.
Доброволно учество во злосторствата
Сликата на жена без скрупули, авторката ја насликува и со примерот на Лиесел Вилхаус, сопруга на командантот на злогласните SS во концентрациониот логор лај украинскиот град Лавов. Таа во националсоцијалистичкиот апарат делувала уште од 1934 година, па така го запознала и својот сопруг. Со него отишла во Украина, заедно со нивната ќерка. Очевидци подоцна зборувале дека од својот балкон пукала на Евреи во концентрациониот логор, па дури и пред нејзиното дете.
Авторката ги проучувала исказите на самите вршители, но и на сведоците. И притоа дошла до заклучокот: по падот на режимот на Хитлер, кариерата на тие жени била прекината, но многу малку од нив одговарале за злосторствата.
– Тие се вратиле дома во рушевините на нацистичка Германија и се обиделе да го сокријат своето криминално минато – вели Венди Ловер. И за Лиесел Вилхаус не се докажани нејзините злодела. – Таа немала службена позиција внатре во националсоцијалистичката машинерија и затоа нема документи од тоа време кои би ги поткрепиле исказите на сведоците – пишува американската историчарка. – Таа била на местото на злосторот и јавно извршила масовно убиство, но правно не можела да биде земена на одговорност.
Венди Ловер во својата книга дава застрашувачка слика на жени кои учествувале во масовни убиства. И тоа доброволно. На тоа нив никој не ги присилувал. – Ако одбиле да учествуваат во убиства на Евреи, не би биле казнети – истакнува американската авторка.
Дојче веле – Бон