Европската унија, Обединетите нации, САД и сојузниците соопштија денеска дека се подготвени да преземат дополнителни чекори за да се заштити единството на Либија, но изразија и сериозна загриженост што во државата не се прекинати судирите.
Во заедничко сооопштение по состанокот во Брисел, ЕУ, ОН, САД, Велика Британија, Франција, Германија, Италија и Шпанија повикаа на итен прекин на судирите.
Состанокот беше свикан од американскиот државен секретар Џон Кери.
Министрите изразија „сериозна загриженост поради влошувањето на ситуацијата во Либија“ и ја поздравија идејата на новиот претставник на ОН на 9 декември да покрене нова рунда мировни преговори.
Тие укажуваат дека ако некои од клучните сили не се вклучат во мировните преговори, „подготвени се да разгледаат дополнителни мерки за да се заштити либиското единство, стабилност и напредок“.
Во соопштението не е прецизирано кои мерки би се презеле.