Лидерот на опозицијата во Мјанмар, Аунг Сан Су Ќи, чија Национална лига за демократија извојува апсолутна победа на изборите, денеска во Јангун имаше одвоени разговари со претседателот Теин Сеин и командантот на армијата, генерал Мин Аунг Хланг.
Двете средби се оценети како конструктивни договори за почеток на мирна транзиција на власта во Мјанмар, што треба да значи и дефинитивно повлекување на армијата од политичкиот живот, кој таа го контролира над 50 години.
Аналитичарите укажуваат дека најважно од се е објавената намера на сегашните носители на власта на мирен начин да им ја предадат власта на досегашните опозиционери. Има и скептици кои сметаат дека армискиот врв се уште не е подготвен да се откаже од власта, а како повод може да ги искорист и деновиве обновените вооружени судири со сепаратистите на северот на државата.
Средбите на Аунг Сан Су Ќи со сегашниот претседател и командантот на армијата се првите договори за пренос на власта по изборите, што се оддржаа на 8 ноември. Кон крајот на месецов ќе започне конституирањето на двата дома на Парламентот, а во јануари изборот на новата влада и нов претседател на државата.
Сегашниот Устав на Мјанмар не и дава право на Аунг Сан Су Ќи да се кандидира за претседател на државата, поради нејзини семејни врски со странски државјанин. Меѓутоа, извесно е дека таа и раководството на победничката Национална лига за демократија ќе одлучат кој ќе биде на чело на Мјанмар во следните 5 години.
Краен рок за конституирање на новата влада и избор на претседател на Мјанмар е 8 март 2016 година.