Државната комисија за одбрана на Северна Кореја соопшти дека Пјонгјанг има намера да изврши трета нуклеарна проба, како и лансирање на нови ракети со голем дострел.
Во соопштението се наведува дека овие дејства ќе бидат насочени кон САД, кои се наречени „непријатели“ на Северна Кореја.
Пред два дена Советот за безбедност на ОН едногласно донесе резолуција, со која го осуди минатомесечното ракетно испитување од страна на Северна Кореја и ги заостри санкциите против Пјонгјанг. Резолуцијата беше поддржана дури и од Кина, која се смета за најблискиот сојузник на Северна Кореја.
Кина вчера повика на воздржаност откако Советот за безбедност на Обединетите нации ги заостри санкциите врз Северна Кореја и оцени дека станува збор за шпекулации дека Пјонгјанг ќе изврши уште едно нуклеарно тестирање.
– Лансирањето сателит од страна на Северна Кореја, како и шпекулациите дека ќе биде извршена уште една нуклеарна проба укажуваат на итноста и важноста на решавањето на спорните прашања на Корејскиот Полуостров, истакна претставникот на кинеското Министерство за надворешни работи Хонг Леи.