Северна Кореја побара денеска од САД да се откажат од плановите за извршување воени маневри во регионот.
– Ако Вашингтон сака да го зачува мирот на Корејскиот полуостров, тој треба да го исполни тој услов, се посочува во напис во севернокорејскиот весник „Нодон синмун“.
Весникот ја изразува позицијата на Корејската работничка партија, која ја управува земјата.
– Ако САД не се откажат од непријателската политика во однос на Пјонгјанг, во азиско-пацифичкиот регион ќе остане заканата од војна, истакнува весникот.
Весникот коментира дека САД засега не демонстрираат желба да се откажат од плановите за воена инвазија во Северна Кореја. Како пример за тие планови весникот го наведува масовното префрлување тешка американска воена техника во јужниот дел на Корејскиот полуостров.