Северна Кореја денеска повторно предупреди дека ќе ги зајакнува своите нуклеарни одбранбени капацитети поради „воените закани“ на САД и „конфронтирачката политика“ на Јужна Кореја.
Државниот весник на Северна Кореја „Родонг шинмун“ наведува дека „непромислените“ маневри на САД и Јужна Кореја можат да поттикнат нуклеарна војна во било кој момент.
– Се додека САД и неговата марионета Јужна Кореја продолжуваат со нуклеарни и воени закани кон нас, ние ќе ја јакнеме нуклеарната одбрана со сите можни средства, се додава во весникот на севернокорејската Работничка партија.
Текстот во „Родонг шинмун“ е објавен по повод 13. години од потпишувањето на заедничката декларација на лидерите на Северна и Јужна Кореја, на 15. јуни 2000 година, во која се утврдени основите за помирување и приближување на двете земји на Корејскиот полуостров.